• Иван Димовски
Норвешкиот стратег кој од 2020 година ја води репрезентацијата на Шведска, Глен Солберг во својот втор обид успеа да се закити со еден голем трофеј. Скандинавската селекција го освои Европското првенство и петти пат во историјата е крунисана за континентален владетел.
Солберг ја презеде Шведска по Европското првенство во 2020 година, лани беше поразен во финалето на Светското првенство во Египет од Данска, но сега успеа да влезе во одбраното друштво.
Откако се одржува Европско ракометно првенство до денес имаше „само“ седум селектори кои биле шампиони, а Глен Солберг е осмиот. Во друштвото на најдобрите тренери сега првпат има и Норвежанец. Солберг меѓу другото е и втор селектор, по Исланѓанецот Сигурдсон со Германија, кој станал европски првак со земја во која не е роден.
На врвот на листата e Бенгт Јохансон кој четири пати беше шампион со Шведска, пред Клод Онеста кој трипати стана првак со Франција. По две златни одличја од европските првенства имаат Рибера и Вилбек, а по еднаш шампиони станале Максимов со Русија, Бранд и Сигурдсон со Германија, како и Солберг со Шведска.