• Горан Упале
Во 2010 година Лино Червар ги изненади ракометните стручњаци кога го повика Горан Чарапина за голман на Европското првенство во 2010 година, кое се играше во Австрија. Чарапина тогаш бранеше за Пореч, но дотогаш никогаш за репрезентацијата.
На тоа Европско првенство Хрватска освои сребро, откако финалето го загуби од Французите, а тогашниот голман на Пореч беше резерва на Мирко Алиловиќ. Сега, Чарапина воопшто е далеку од спортките арени, бидејќи работи како курир.
„Во Пореч добив покана за хрватската ракометна репрезентација, а финалето на Европското првенство во Виена 2010 година и освоеното сребро ми е еден од омилените спомени. Бев втор голман и тоа беше едно од најубавите искуства за мене, по раѓањето на моите деца. Не можете да ги заборавите тие сцени, таа сала, навивачите, атмосферата... Имав тешка повреда во Германија, по која не успеав да се вратам на терените“, рече Чарапина.
По завршувањето на кариерата тој целосно се раздели од ракометот и во изминативе осум години работи како доставувач на пакети во компанијата „ГЛС“. Секое утро го напушта магацинот во Опузен кон Дубровник, а неговиот регион е поголемиот дел од Груж.
„Искрено, уморен бев од постојаните патувања, викенд натпревари, тренинзи. Сакав нешто помирно, без дополнителен стрес. Затоа сега работам како курир. Си ја сакам работата, не е тешка. Најлошо е кога туристичката сезона е во полн ек. Можете да ја замислите гужвата во Дубровник, треба да се пробиете низ тесните улички до одредена адреса. Се трудам да стигнам на време. Многу гужва е за „black friday“. Но, добро е што не се работи за викенди, како и за празници“, додаде Чарапина.
Во кариерата Чарапина бранеше за Јерковац, Метковиќ, Извиѓач и Пореч. Со Метковиќ бранеше во Лигата на шампионите, каде статистички една година беше најдобар по процент на одбранети удари.