„Со години носиме имиња над нашите можности, но тешко е да ги задржиме повеќе од две години“

Минатата година беше една од најуспешните во поновата историја на Еурофарм Пелистер. Тимот е етаблиран и во европски рамки, освои трофеј по шеснаесет години пауза, а и на организационо и административно ниво многу порасна.

Сепак, сега се соочува со проблем како да ги задржиме странските засилувања на подолг период во Битола. Спортскиот директор Димитар Митревски објасни кои се потешкотиите со кои се соочува македонскиот вицешампион. 

„Со години носиме големи имиња во Битола. Некои и над нашиот просек и можности. Се соочуваме со неколку проблеми, кои не се лесно решливи. Но, мора да се обидеме и да ги надминеме сите пречки. Проблемите со инфрастурктурата, далечината од најблискиот аеродром, квалитетот на живот во нашиот град, како и интернационално училиште во Битола ни се пречки кои ни се поставуваат пред очи при секои преговори. И во минатото беа дилема кај некои ракометари да дојдат во Еурофарм Пелистер, а ќе бидат и во иднина. Работиме многу на подобрување на условите, спортската сала „Боро Чурлевски“ е во многу подобра состојба за европските натпревари, ја користиме за тренинзи и салата „Јован Калаузи“, но предолго беше ковид-центар и скратен ни беше изборот за сала за тренинзи. Во денешно време ниту еден врвен ракометари не би прифатил работа во ладна сала, а такви се поголемиот број во Македонија. И не мислам само за ракометарите кои доаѓаат и заминуваат, мислам и на нашите деца. Верувам дека најавената изградба на спортски центар во Битола ќе ги реши проблемите и поддршка во секој поглед за тој проект. Битола заслужува модерна спортска сала и идеални услови за тренинг и натпревари. Макотрпно работиме да ги надминеме нашите објективни и субјективни проблеми, бидејќи преку ноќ не се станува клуб од друштвото на Лига на шампионите, посебно што таа привилегија ја имаат само шеснаесет екипи од континентот, а од регионот во последните години учествуваа само една или две екипи.

Објективно е многу тешко да се задржи добар играч од странство во Битола повеќе од две години, заради сите проблеми со инфраструктурата кои ги имаме. Играчите доаѓаат, ќе одиграат добри натпревари во Европа и добиваат понуди од клубови со многу поголеми буџети од нашиот и продолжуваат понатаму. Мораме да ја прифатиме таа реалност и да сме подготвени на реконструкција на тимот. Тој процес го поминавме пред две години, меѓутоа дојдоа нови сили за докажување. Поради сите овие факти ние мораме да се вратиме на нашата основна идеја кога се одлучивме за инвестиција во ракометот, а тоа е создавање на играчи. Добрата работа во РК Еурофарм Пелистер 2 веќе дава резултат и ред е најдобрите од таа екипа да продолжат по природниот пат и да се префрлат во првата екипа и да им се даде вистинска шанса за докажување. Иднината на клубот ќе се гради околу нив, секако надополнети со квалитетни играчи од странство за да бидеме конкурентни во Европа. Играчи ќе доаѓаат и ќе си одат, но ние ќе продолжиме да работиме и ќе стигнеме до нашата цел еден ден на теренот во дресот на нашата екипа на меѓународен натпревар да истрчаат 80% играчи од наш погон. Тоа е долг и макотрпен процес, но мора да се проаѓа низ истиот. 

Предизвици има многу, потешкотии можеби уште повеќе, но секој среќен и успешен момент вреди и дава сила за пребродување на истите. Со секој изминат ден нашиот интензитет на работа и посветеност станува се поголем и поголем. Предизвиците и потешкотиите нè прават уште посилни и тоа е гаранцијата дека ќе престојат уште многу успешни моменти во иднина“, заврши Митревски. 

Оваа сезона Еурофарм Пелистер има девет странци во својот ростер, а по промената на правилата следната сезона во Суперлигата ќе може да настапат шест странски ракометари.