• Горан Упале

Екипата на Магдебург е првиот патник на „фајнал-фор“ турниот во ракометната Лига на шампиони. Германскиот гигант важеше за голем фаворит во четвртфиналната пресметка со Висла Плок, но до посакуваната виза стигна потешко од очекуваното.
По нерешениот резултат на првата средба во Полска (22-22), вечерва Висла одново покажа дека поседува квалитет за големи дострели, но попушти во финишот и Магдебург со победата од 30-28 патува за Келн.
Ракометарите на Хавиер Сабате уште во првиот дел му покажа „заби“ на фаворизираниот ривал, имаа решение за секој налет на домаќинот, па на полувреме се замина со егал резултат од 13-13. Израмнето беше и на стартот од второто полувреме, но во финишот Магдебург „нагази“ и со серија од 3-0 си обезбеди недостижна предност и пласман на завршницата.
Холандскиот бек Смитс блесна со неверојатни четиринаесет гола, а одличен за Магдебург беше Дамгард со осум погодоци. За Висла прв стрелец беше Косоротов со осум гол, а еден помалку впиша Михиќ.