• Горан Упале
Ракометната селекција на Шведска со победа ја започна втората фаза од Европското првенство, откако во драматичен натпревар и пресврт успеа да слави над Словенија со 31-35 (15-13).
Словенците во транс го отворија соочувањето во Малме. Андраж Макуц одлично ја разигруваше екипата и Словенија уште во раната фаза се избори за предност од три гола (4-1). Домашниот терен колку што беше мотив, толку беше и притисок за шведските ракометари, кои дури по десеттата минута влегоа во свој ритам и на паркетот се водеше вистинска ракометна битка. Паличка на едната и Базник на другата, немаа решенија за противничките напади, а Шведска успеа само еднаш да израмни и на полувреме резултатот беше 15-13 за Словенија.
Сепак, во вториот дел настаните на паркетот драстично се променија. Шведска се ослободи од притисокот и презеде сè во свои раце. Словенечкото водство брзо беше стопено, а Шведска до највисоката предност стигна во 45 минута кога поведе со четири гола (20-24). Во финишот Словенија проба да врати во игра, но домаќинот не се опушти и заслужено ги собра двата бода.
Најпрецизен кај Шведска беше Сандел со седум гола, а два помалку имаа Јохансон и Ване. Голманот Паличка собра седум интервенции. За Словенија осум погодоци постигна Домен Макуц.





