Словенија имаше сили за едно полувреме и потклекна пред Шпанија

Ракометарите на Шпанија ја запишаа втората победа во главната фаза на Светското првенство, откако ја совладаа Словенија со 26-31 (15-15). Пресметката од групата 1 во „Таурон Арена“ во Краков понуди изедначен прв дел, а потоа „фуријата“ покажа дека е класа повеќе и рутински ја заврши работата. 

Уште од стартот Шпанците отворија подобро, бргу дојдоа на четири гола позитива и некое време ја одржуваа. Сепак, Словенците со добра серија се вратија до егал, иако речиси константно бркаа негатива, успеаја еднаш да поведат и на одмор се замина со нерешени 15-15. 

Подобро во продолжението влегоа избраниците на Урош Зорман. Се играше гол за гол, а во воведните минути на вториот дел словенечките ракометари почесто водеа. Шпанија успеа да се консолидира, ги презеде работите во свои раце и успеа да се одлепи. „Црн период“ во играта на Словенија му дозволи на фаворитот да се одлепи пред завршницата, па потоа рутински да го приведе натпреварот кон крајот. 

Најдобар стрелец во тимот на „фуријата“ беше Одриозола со шест, додека кај Словенците пет пат гола даде Доленец.

Со овие бодови шпанската селекција обезбеди четвртфинале и во директен дуел со Франција ќе решава за првото место во пресрет на елиминационите натпревари. Словенија може најмногу да стигне до петтото место и олимписките квалификации.