• Горан Упале
Ракометната селекција на Данска ќе игра ново олимписко финале, откако во второто полуфинале со многу мака ја совлада Словенија со минимални 30-31.
Во пресрет на полуфиналниот дуел словенечкиот селектор, Урош Зорман, изјави дека неговата селекција игра атомски ракомет, но на паркетот не изгледаше така. По тврдиот старт во кој до шестата минута беше постигнат само еден гол, Гидсел за 0-1, Данците фатија ритам и почнаа да ја градат предноста.
Уште во тринаесеттата минута беше 2-5 за актуелниот вицешампион од Токио. Во тој период двапати погоди Микел Хансен, а потоа одговорноста ја презедоа Гидсел и Лауге Шмит, па водството на Данците се искачи на четири гола (7-11). Во финишот од полувремето Благотиншек погоди за -3, но фаворитот со два гола по ред се искачи на највисоки пет гола предност (10-15).
Предноста на европскиот вицепрвак достигна на шест гола на стартот на вториот дел, но Словенија влезе во позитивни минути и се врати на подносливи 16-19. Тоа донесе реакција на Николај Јакобсен, кој повика тајм-аут, по кој неговите момци експресно се вратија на шест позитива, на 15 минути до крајот од полуфиналето (18-24). Но, Словенците на Урош Зорман како да не го кажаа последниот збор во ова финале, му зададоа нов удар на фаворизираниот противник и со голот на Машковчек во 56. минута се вратија на само два гола негатива (29-31).
Драмата во Лил продолжи со голот на Блаж Јанц за ново намалување на водството, а откако Ферлин му одбрани пенал на Микел Хансен, Словенија имаше шанса за продолженија, но не ја искористи. Словенците во последниот напад бараа пенал по прекршокот на Лауге, но судиите и по видео-прегледите останаа на својата првична одлука – удар од девет метри.
Ландин со седум и Хансен со пет гола беа најдобри во победничкиот табор, а за Словенија по седум погодоци постигнаа Влах и Бомбач.
Така, Данска во големото финале ќе се судри со Германија, додека Словенија олимписка бронза ќе брка против Шпанија.