Словенечки ас од Загреб е прв пик за десен бек на Вардар

Европскиот првак Вардар продолжува да го комплетира ростерот за сезоната 2020/21, а со доведувањето на Филип Талески, испразнети останаа само уште позициите среден и десен бек. Стручниот штаб и управата на Вардар веќе го избра својот прв пик на позицијата десен бек и во завршна фаза се преговорите за негово доведување.

Ќе биде многу тешко да се пронајде класа како Криспотанс или проверени репрезентативци како Македа и Алекс Душебаев. Сепак, вардарци ќе тргнат со сите сили по Словенецот, Гаспер Храстник, дознава Gol.mk. 27-годишниот десен бек настапува за ППД Загреб и македонскиот и СЕХА-шампион преговара со хрватскиот гигант за позајмица или целосен откуп на договорот на Храстник.

Гаспер Храстник е роден во Крањ, настапуваше за Копер и Марибор, а во 2017 година премина во романскиот ЦСМ Букурешт. Минатата сезона потпиша за ППД Загреб, на инсистирање на Веселин Вујовиќ, но не се изнаигра. Храстник ја делеше минутажата со уште неколку ракометари. Вардаровиот прв пик за позицијата десен бек постигна шест гола во претходното издание на Лигата на шампионите.

Дури откако ќе го дознаат одговорот од ППД Загреб за Храстник, вардарци ќе пресечат дали ќе го ангажираат или ќе посегнат по некое друго решение.