• Зоран Мишевски
Шпанската ракометна репрезентација е носител на бронзениот медал на ракометниот турнир на Олимписките игри во Париз. Избраниците на Жорди Рибера по вторпат во краток интервал ја совладаа Словенија и на „мала врата“ дојдоа до олимписко одличје. Утринскиот дуел во Лил беше целосно израмнет, а на крајот се радуваа Шпанците со 23-22 (12-12). Ова е петти бронзен медал за шпанската ракометна репрезентација во историјата на Олимписките игри.
Словенците пак одлично отворија, како и во групата пред десетина дена, Ферлин и одбраната функционираа, а Блаж Јанџ од позиција десен бек „сееше“ опасност по Гонзало и Коралес. Постојано предноста изнесуваше 2-3 гола, а Шпанија постигна само четири гола за половина полувреме.
Но, потоа на сцена стапија Алекс Душебаев и брзите крила и во 22. минута Шпанија израмни. Следеше игра „гол за гол“, за во 29. минута момците на Рибера да поведат со +2. Сепак, техничките грешки им дадоа шанса на Јанц и Доленец од седмерец и на одмор се замина со 12-12.
Се разигра Алекс Влах на почетокот на вториот дел и Словенија не им дозволи на Шпанците да се одлепат. Одбраните се наметнаа над нападите и со егал резултат се влезе во последните десет минути. При 22-21 Словенија напаѓаше со човек повеќе, но Влах не погоди од идеална позиција и Алекс Душебаев казни со гол за +2. Шпанија не го заврши натпреварот, па Словенија доби последен напад за реми. Сепак, ударот на Мачковшек го одбрани Гонзало и финалниот резултат гласеше 23-22 за „фуријата“.
Гомез со пет и Касадо со четири гола беа најефикасни шпански ракометари, а Доленец со шест и Јанц со пет погодоци беа најдобри во поразениот словенечки тим. Големото финале е од 13:30 часот на „Пјер Моруа“ во Лил