Славниот Уве Генсхајмер ја најави последната сезона во кариерата

Легендарниот Уве Генсхајмер официјално објави дека се враќа на терените и ќе одигра уште една сезона во својата богата ракометна кариера. 

Германскиот ветеран се враќа после повредата на коленото и тешката операција минатото лето и сака на најдобар можен начин да се збогува од активното играње. Левото крило на Рајн Некар Левен се врати во тренажен процес, па иако е уште рано да се зборува за враќање на терените, навивачите се надеваат дека ќе можат да уживаат во мајсториите на еден од најатрактивните играчи во историјата барем уште една година. 

„Целта ми беше да се збогувам од ракометот на теренот, како активен играч. Дадов максимален напор да заздравам од тешката повреда и се надевам дека мојата кариера ќе ја крунисам со трофеј следната сезона. Тоа ќе биде најубав можен начин за крај на оваа авантура“, изјави славниот ракометар. 

37-годишниот Генсхајмер е вистинска легенда на германскиот ракомет. Освен трите години минати во францускиот ПСЖ, Германецот целата останата кариера беше дел од Рајн Некар Левен и е апсолутен миленик на навивачите на овој гигант, а за својата репрезентација има одиграно 204 натпревари, „зачинети“ со 927 голови.