• Саше Љолес
Репрезентацијата на Данска уште еднаш покажа дека е „алфа и омега“ во светскиот ракомет, откако на лесен и убедлив начин дојде до златниот медал од Олимписките игри со победата над Германија (39-26).
Скандинавците уште од самиот старт покажаа дека немаат намера да се шегуваат и ги казнуваа сите технички грешки на Германците. Избраниците на Николај Јакобсен беа разлетани по теренот и делуваа дека се многу помотивирани од ривалот, а на голот го имаа и одличниот Никлас Ландин, кој имаше осум интервенции на средината од второто полувреме.
Данска на паузата водеше со девет гола предност (21-12), а во вториот дел продолжи со рутинска игра, но во исто време со силно темпо на кое Германија немаше никаков одговор. Питлик и Гидсел беа во одличен ритам и го полнеа голот на „панцерите“ од сите страни, па веќе во периодот околу 45. минута беше јасно дека Данска лесно ќе го завери триумфот.
Германците се обидуваа малку да се соземат и да ја ублажат разликата, но полека ги губеа силите и доживеаја целосен распад во играта. Данска немилосрдно го торпедираше ривалот и на крајот победи со огромни 39-26, носејќи ново злато за славниот Микел Хансен, кој заминува во пензија по завршувањето на олимпискиот турнир.
Најефикасен кај Данците беше Матијас Гидсел со 11 голови, додека кај Германија најдобар поединец беше Јури Кнор со шест погодоци.