• Горан Упале
Охрид уште еднаш го положи испитот и организира супер-квалитетен и возбудлив турнир, кој на задоволство на домашната публика, заврши со триумф на екипата на Борис Ројевиќ. Во финалната пресметка „гладијаторите“ беа поуспешни од Еурофарм Пелистер (31-26) и за првпат триумфираат на меѓународниот турнир „Крсте Андоновски“.
Спортскиот директор на клубот, Славчо Ристески, не го криеше задоволството од освоениот трофеј и изјави дека се надева на уште многу вакви моменти во следните години.
„Се надевам дека вакви убави моменти ќе имаме следните години. Презадоволен сум како функционира новата екипа. Турнирски натпревари се, но изгледаме феноменално и се надевам дека овој триумф ќе се одрази на сезоната и охридската публика ќе се радува на успеси на домашната и меѓународната сезона.
Четири феноменални екипи ќе се борат за титулата и секој од нив може да победи и дома и во гости. Ни следи најдоброто првенство во историјата“, рече директорот на Охрид.
Охрид летово драстично го промени својот лик, во тимот пристигнаа неколку сериозни засилувања, што беше видливо и на овој турнир. Претходно, охриѓани го освоија и Струшкиот турнир со што најавија дека сезонава ќе имаат сериозна улога во домашниот шампионат.
ФОТО: ГРК Охрид



