Скубе: На ЕП навивам за мојата Словенија, но и за Македонија...

Еден од ретките првотимци на Вардар кој остана без репрезентативен ангажман во овој период, Сташ Скубе им се стави на располагање на новиот тренер на европскиот шампион Стевче Алушовски и неговите соработници. 

Словенечкиот среден бек за клупската веб страница изјави дека оваа пауза добро му дојде и подготвени е максимално да ја одработи првата фаза од зимските подготовки.

„Сигурно дека оваа пауза ни е добредојдена. Сите ги одморивме главите и телото и сите се вративме мотивирани за во најдобар ред да ги минеме тешките подготовки. Но, оваа фаза мора да мине, затоа што е многу важна за во понатамошниот дел од сезоната“, вели словенечкиот ракометар. 

Скубе додаде дека на Европското првенство навива за својата Словенија, но и за сите репрезентации во кои настапуваат ракометари на Вардар. 

„Се разбира дека за Словенија, тоа е мојата земја. Но, и за сите репрезентации во кои има играчи од Вардар – Македонија, Летонија, Русија...“, заврши Скубе. 

Македонските ракометари денес го играат најважниот натпревар на шампионатот и само со победа над домаќинот Австрија ќе обезбедат втор круг на овој шампионат.