Скубе: Губевме пријателски со Вардар, па станавме европски прваци!

Сташ Скубе ќе истрча на терен и за првпат ќе игра против Вардар по заминувањето од Скопје. Словенечкиот ракометар потпиша за Мешков Брест, првиот ривал на „црвено-црните“ во новата сезона од Лигата на шампионите.

Тој го најави натпреварот со старите пријатели и истакна дека ќе биде среќен што ќе игра против нив. Воедно, Скубе истакна дека Вардар не смее да се потцени и да му се суди по поразите на тест-мечевите од Еурофарм Пелистер.

„За мене овој меч ќе биде специјален. Ги минав најдобрите денови во кариерата во Скопје. Имам многу пријатели. Чудно ќе ми биде да играм против нив. Но, мора да бидеме професионалци, сум играл против поранешни тимови и претходно. Се слушаме со колегите од Вардар, се видовме во Задар на Ф4-турнирот во СЕХА. Ама не разговаравме за претстојниот натпревар.

Вардар има многу нови играчи, ама рано е да се носат било какви заклучоци. Кога јас дојдов во Скопје губевме пријателски, па потоа станавме европски шампиони. Актуелниот Вардар нема многу ѕвезди како претходно, ама сигурен сум дека ќе биде опасен за секој тим оваа сезона во Лигата на шампионите“, изјави Скубе

Натпреварот меѓу Мешков Брест и Вардар се игра во Белорусија, в среда од 18:45 часот. Последниот меѓусебен натпревар заврши со висок триумф на Мешков од девет гола разлика.