Скубе е незадоволен, се фатил за глава и гестикулирал „Боже, каде дојдов?“

Сташ Скубе, поранешниот организатор на играта на Вардар и европски шампион со „црвено-црните“, имаше неславно деби за својот нов клуб Мешков Брест во СЕХА лигата. 

Белорускиот шампион беше елиминиран во полуфиналето од освојувачот Веспрем, но овој дуел остана во сенка на несогласувањата на словенечкиот ас со тренерот Алонсо. Барем така пишуваат руските медиуми. „Sports.ru“ пренесува дека Скубе не успеал да се вклопи во филозофијата на Алонсо и е незадоволен од својот нов клуб, а сето ова кулминирало со гестикулација од незадоволство која изгледала како „Боже, каде дојдов?“, при еден тајм-аут за време на дуелот со Веспрем.

И покрај овој испад, Алонсо решил да не го казни и го оставил во игра, сè додека самиот ракометар среде напад се решил да седне на клупата за резерви. Дека нешто не е како што треба во редовите а Мешков, говори фактот што Скубе во дуелот за третото место против ППД Загреб одигра само неколку минути на стартот. 

Квалитетите на Скубе не се спорни, тие ги гледавме на дело кога настапуваше за Вардар, но дали одличните игри ќе ги преслика и во дресот на Мешков Брест останува да видиме.