Скубе: Барселона ќе биде тешка, но не и невозможна задача за Вардар

Остануваат уште десетина дена до завршниот турнир во Лигата на шампионите. На 1 јуни во „Ланксес Арена“, македонскиот првак Вардар ќе се судри со Барселона во полуфиналето и ќе се обиде да го повтори успехот од пред две години.

Сташ Скубе, словенечкот репрезентативец и член на вардарци, во интервју за официјалната страница на ЕХФ рече:

„Имам важна улога во тимот и доста време поминувам на теренот, што ме прави да се чувствувам одлично во Вардар. Тимот ме прифати брзо и без никаков проблем. Тоа беше важно за мене и за мојата игра во Лигата на шампионите“.

Тој зборуваше и за тешката финансиска ситуација во клубот во вториот дел од сезоната.

„По заминувањето на сите играчи, сите очекуваа пад на формата на Вардар. Но, мило ми е што одигравме добро во последните месеци од сезоната, особено во четвртфиналето против ПИК Сегед. Не само јас, туку сите играчи, и поради тоа се изборивме за завршен турнир“.

29-годишникот од Ново Место е задоволен од својата игра оваа сезона и среќен што ќе биде дел од завршницата во Келн.

„Секој играч сонува да игра во Келн, а јас сум пресреќен што ќе бидам дел од „фајнал-форот“ на најдоброто клупско натпреварување во Европа. Се надевам дека тоа ќе биде незаборавно искуство за мене“.

Полуфиналниот противник според Словенецот ќе биде тешка задача, но не и невозможна.

„Противникот во полуфиналето е еден од најдобрите тимови во Лигата на шампионите. Знам дека ќе имаме тешка задача, но земајќи ја предвид мотивацијата и целото шоу во Келн, мислам дека се е возможно. Нашата цел оваа сезона беше титула во СЕХА лигата и пласман на Ф4 во Келн. Сега кога сме таму, ќе се обидеме да ја изненадиме конкуренцијата и да се искачиме на врвот“ , заврши средниот бек.

Вардар ја освои титулата во 2017 година кога ја победи токму Барса во полуфиналната фаза. Да се надеваме дека историјата ќе се повтори и дека нашиот национален првак одново ќе ја израдува македонската јавност.