Скјерн ја доби драмата со Монпелје, Генсхајмер со девет од девет го реши Холстебро

Ракометарите на Скјерн одиграа одличен натпревар и со предност од 31-30 (14-11) над Монпелје, ќе патуваат во Франција на ревашн дуел од последното квалификациско коло пред групната фаза на Европската лига. 

Данскиот тим со добар тимски перформанс го реши францускиот противник и има поволен резултат од првата средба. Најефикасен играч во тимот на Скјерн беше Конрадсон со шест, а по пет имаа Танген и Тидеманд, додека кај Монпелје со шест голови се истакна Мелвин Ричардсон.

Околу натпреварот, домашниот тим одлично отвори и направи предност уште на самиот старт кога поведоа со 7-2. Позитивата од пет гола се враќаше во повеќе наврати, а пред паузата Монпелје намали на 14-11. Резултатската „брканица“ се играше и во вториот дел, а во последните десет минути гостите успеаа да се вратат на само гол негатива. Сепак, Скјерн преку Магнусен го реализираше одлучувачкиот напад и славеше победа. 

Најквалитетниот ракометар на Рајн Некар Левен, Уве Генсхајмер беше херој на германскиот тим на гостувањето кај Холстебро и го водеше тимот до победа од 22-28. Средбата во Данска беше „монолог“ на искусното крило, кој со девет гола од девет обиди беше човек на одлука во убедливиот триумф. Германците сега се пред пласман во групната фаза на Европската лига, па во реваншот на домашен терен само чудо ќе ги спречи во намерата. 

Во терминот од 18:45 се одиграа уште пет средби. Кристианштад славеше на гостувањето кај Азоти Пулави (24-25), Силкеборг ја совлада ЦСКА (26-23), Доброгеа Суд и Спортинг одиграа реми (27-27), ГОГ го декласираше Винтентур (33-21) и Фуксе Берлин се радуваше кај Ѓенѓеш (23-25).