Скандал во Хрватска: Тренер физички нападна свој играч, па си поднесе оставка (ВИДЕО)

Ракометниот натпревар меѓу Козала и Ровињ во рамките на второлигашката конкуренција во Хрватска заврши со нерешени 27-27, а понуди и еден голем скандал. 

Имено, тренерот Дарио Јагиќ целосно ги загуби нервите и „кочниците“, па на пет минути пред крајот тргна физички да се пресмета со својот играч Санди Ѓукановиќ поради една загубена топка. Тренерот го фати играчот за дрес и го оттурна, а играчите на Ровињ спречија поголем скандал. 

  • Видео од судирот на тренерот и играчот:

По натпреварот, Дарио Јагиќ си поднесе оставка од својата позиција и се извини.

„Свесен сум дека нема никакво оправдување за оваа моја постапка, преземам вина за тоа што се случи. Тоа беше едноставно во момент кога се кршеше резултатот и еден од нашите најдобри играчи направи грешка, а потоа и вербално испровоцира моја непримерна реакција. 

Жал ми е што снимката не е подолга за да се види дека јас и Санди потоа разговаравме нормално. Нема алиби за тоа што се случи, но не сакам да бидам на терет на клубот. Поради тоа си поднесов оставка од тренерското место, одам да се одморам. Тоа не значи дека заминувам од клубот, останувам како спортски директор, но повеќе не можам да ја вршам својата работа“, изјави Јагиќ.

Според зборовите на сега веќе поранешниот тренер, односите се смириле бргу, иако на видеото тој дел од ситуацијата не се гледа.