Скандал во Хрватска: Ракометен голман поради дрога суспендиран на две години 

Хрватскиот ракометен голман Дино Хеќимовиќ е суспендиран на две години поради присуство на амфетамини во неговото тело. Хрватскиот институт за јавно здравје објави дека голманот на Осиек бил позитивен на амфетамини по тестирањето спроведено на 22 септември минатата година.

Неговиот примерок од урина беше позитивен и тој беше привремено суспендиран на 19. ноември. Дисциплинската комисија одржа седница на 30 декември, на која беше одлучено да стапи на сила двегодишната забрана за играње.

Како почеток на суспензијата се зема споменатиот 19 ноември, па Хеќимовиќ ќе биде санкциониран до истиот датум во 2026 година.

Играчот не ја обжалил одлуката на комисијата, ниту побарал да се анализира нов примерок, што значи дека ја прифатил вината и бил подготвен да одговара за своите постапки.