„Сите сме уморни и чекаме на зимскиот распуст, но Стеауа мора да падне“

Бранителот на титулата во СЕХА лигата, Вардар, вечерва го игра својот последен натпревар од есенската полусезона на регионалното натпреварување. 

Македонскиот тим се соочува со предизвик кој досега никогаш го немал во СЕХА, бидејќи ќе гостува кај дебитантот Стеауа, но вардарци и покрај големите проблеми со повредени играчи најавија дека со победа ќе ја завршат 2018 година.  

„Ова е нашиот последен натпревар во оваа година. Сите сме уморни и чекаме на зимскиот распуст, но мора сериозно да одиграме овој натпревар. Како што веќе кажа и тренерот, се соочуваме со некои проблеми, но и покрај сè се надеваме дека ќе стигнеме до победа. Ова е дебитантска сезона за Стеауа во СЕХА лигата и никогаш не сме играле во Букурешт, но нашата цел е да останеме фокусирани и да победиме“, рече Стоилов. 

Натпреварот меѓу Стеауа и Вардар, кој е последен за македонскиот шампион во СЕХА лигата оваа година е закажан за денес со почеток од 17:30 часот.