Симултанка на Рајстад и Офтедал, Норвешка ја сруши Франција за трето олимписко злато

Репрезентацијата на Норвешка е освојувач на златниот медал на Олимписките игри, откако во големото финале ја надигра домашната селекција на Франција со убедливи 29-21. „Триколорките“ имаа големи проблеми во дефанзивата, правеа несфатливи грешки, па на крајот мораа да го препуштат олимпискиот трон на скандинавскиот тим. 

Норвежанките беа предводени од искусните Хени Рајстад и Стине Офтедал, па уште во првото полувреме прикажаа подобра игра и на паузата водеа со два гола разлика (15-13). Домашната публика очекуваше далеку посериозен пристап од Французинките во вториот дел, но скандинавската селекција немаше намера да се откаже од зацртаната цел. 

Офтедал продолжи со „бомбардирањето“, кон неа се приклучи и Кари Дале, па во периодот околу 48. минута Норвешка имаше највисоки шест гола предност (21-15). Потоа резултатот гласеше и 23-17. Франција полека започна да се откажува од шансата за златниот медал, додека ривалките максимално ја користеа ситуацијата и немилосрдно го полнеа голот. 

Последните десет минути донесоа само рутинска игра на Норвежанките, па на крајот сосема заслужено го заокружија триумфот со конечни 29-21 и започнаа со прославата на петтиот златен олимписки медал во историјата. 

Најефикасни во шампионскиот состав беа Хени Рајстад со осум голови, Кари Дале додаде шест, а се приклучи и Стине Офтедал со уште пет гола, додека кај Франција прво име беше Орлане Канор со пет погодоци. Во натпреварот за третото место утрово Данска ја совлада Шведска.