• Зоран Мишевски
По паузата заради позитивни случаи на коронавирус, екипата на Работнички се претстави во сосема поинакво издание и попладнево го изненади Еурофарм Пелистер 2, победувајќи го со 28-23 (14-12) во дуелот од 11. коло на Суперлигата. Оваа победа доаѓа шест дена по триумфот над Бутел на домашен терен.
- Комплетниот натпревар на Работнички и Еурофарм Пелистер 2:
Мотивираниот тим на Петрушевски започна одлично и слично како и против Бутел го изненади ривалот. Ончев беше одличен, одбраната ги принудуваше гостите на греши и цело прво полувреме мина во 1-2 гола предност за Работнички. Со дури шест гола на повратникот од Грција, на полувреме се замина со 14-12 за скопјани.
Јовиќ им одржал лекција на своите ракометари и на почетокот од вториот дел Еурофарм Пелистер се појави во сосема друго светло. Стефан Талевски и Цветан Кузманоски погодуваа, но Работнички ја одржуваше предноста.
Крстевски постигна два гола по ред, гостите не реализираа седмерци и напади со човек повеќе и на средина од вториот дел шредноста се искачи на +4. Битолчани беа целосно надвор од ритам и во 48. минута домаќинот поведе со 22-17. Екипата на Еурофарм Пелистер се обиде и со ризична игра и брзо завршување на нападите да се врати во игра, но не успеа и Работнички без драматика извојува победа од 28-23.
Најефикасни во домашниот табор беа Ончев со единаесет и Крстевски со пет погодоци, а кај Еурофарм Пелистер 2 се истакнаа Кузманоски со пет и Стефан Талевски и Дрогришки со по четири гола. Сега во групата Б на Суперлигата е многу драматично за трите места во разигрувањето, бидејќи повеќе екипи имаат шанси за третото место зад Металург и Бутел.