Симултанка на Ѓорѓиевска, ЖРК Чаир првпат во осминафиналето на Еврокупот!

Ракометарките на ЖРК Чаир остварија голем успех и се пласираа во осминафиналето од Еврокупот на ЕХФ, откако и вторпат го совладаа тимот на Колеџио Де Гаја, овој пат со конечен резултат 28-26. Македонскиот тим оствари триумф и во првиот меч со резултат 29-25, па со вкупни 57-51 ја мина оваа пречка испиша историја во европските натпреварувања. 

Нашиот претставник двапати во два дена го надигра ривалот и сосема заслужено се најде меѓу шеснаесетте најдобри во ова натпреварување. На паузата чаирчанки водеа со 13-9, а во второто полувреме прикажаа уште подобра игра и имаа огромни +8 во 50. минута од натпреварот. 

Тука некаде стана јасно дека гостите немаат никакви шанси, а Чаир на крајот триумфираше со конечни 28-26 и се пласира во следната рунда. Најефикасна во победничкиот тим беше одличната Стефанија Ѓорѓиевска, која го заврши мечот со 10 гола од вкупно 12 обиди, а добар настап имаше и Теодора Дукоска со седум голови од девет удари.

Чаирчанки сосема заслужено слават и го чекаат противникот во следната фаза од Еврокупот на ЕХФ.