Симовски: Романија е селекција од светскиот крем, мора да бидеме беспрекорни! (ВИДЕО)

Селекторот Симе Симовски ги собра репрезентативките на Македонија пред баражот за пласман на Светското првенство и двомечот со Романија. Ракометарките кои ги бранат боите на националниот тим ќе имаат тешка задача, против Кристина Неагу и нејзините сонароднички да се обидат да направат подвиг и да завршат на Мундијалот. 

Предводникот на селекцијата, Симовски даде изјава по првиот собир. Тој смета дека Романија е фаворит, но девојките со дисциплинирана игра ќе мора да се спротивстават на ривалот ако сакаат да играат на големиот собир. 

„За Романија е јасно, се работи за исклучително добра репрезентација, која е во европскиот и светскиот крем. Би им дал улога на фаворит во овој бараж, имаат ракометарки кои настапуваат во евро-куповите, со имиња како Неагу, Пинтеа... Сепак, ние ја имаме Сара Ристовска, таа е во ракометниот крем, иако останатите ракометарки кои играат во странство не настапуваат во елитата, мора да поработиме и да направиме добар склоп и хемија во тимот. 

Мора да направиме бедем во одбраната како со Исланд, па со тоа да ѝ парираме на Романија. Во нападот ќе ни треба премногу дисциплина, секоја девојка мора да знае која улога ја има во овој бараж. Работиме на самодовербата, сакаме да го минеме баражот. Мора да пружиме добра игра и да видиме до каков резултат ќе стигнеме“, изјави селекторот Симовски. 

Меѓу другото, селекторот на Македонија се осврна и на тимот. Симовски појасни кој ќе задоцни на собирот, но најави и неколку отсуства од репрезентативниот табор во пресрет на двомечот со Романија. 

„Во моментов Ристовска од оправдани причини нема да пристигне веднаш, но ќе дојде во наредните денови. Имам најава од Кипријановска дека нема да игра, бидејќи е позитивна на ковид-19, па во наредните денови ќе видиме дали ќе биде во составот. Јована Саздовска нема да биде на собирот, како и Штериева и Симона Стојковска поради повреди ќе го прескокнат двомечот. На располагање имаме осумнаесет ракометарки кои ќе го понесат товарот“, заврши Симовски. 

  • Видео-изјавата на Симовски: 

Македонија гостува прва во Романија, средбата во Букурешт е закажана за 17 април од 17:00 часот, додека реваншот во СЦ „Јане Сандански“ е четири дена подоцна во ист термин. Селекцијата се екипира во „Хотел Русија“ во склоп на сц „Јане СанданскИ“, каде што ќе се одработат мини-подготовки пред патувањето во Букурешт.