• Мартин Танасковски
И покрај поразот во финалето од Купот на Македонија, младиот тим на ЖРК Вардар не разочара и му даде максимален отпор на поискусниот домаќин кој испиша историја, ЖРК Куманово (24-22).
По дуелот, тренерот Симе Симовски беше полн со пофалби за играта и истакна дека овие девојки му даваат мотив плус за работа во иднина.
„Одигравме одлично, според мене фантастично, затоа што оваа екипа е во создавање и генерациски селектирана добро. Потребни ни се вакви натпревари, тука е целата ситуација, затоа што искуството беше на страната на Куманово и плус беа домаќини, а ние дадовме одлична игра. Ова ми дава плус мотив за работа и мислам дека оваа селекција што ја имаме, со некои додавки, може да биде плус за македонскиот ракомет во иднина“, изјави Симовски.
Според предводникот на ЖРК Вардар, потребен е еден олимписки циклус, односно четири години, за овој тим да созрее и да дојде до посакуваното ниво на игра. Вардарки оваа година се тинејџерки, генерација 2002 и 2003.
„Секогаш во поразвиените земји, па и кај нас, треба да работиме на таа тема. Потребен е олимписки циклус да се состави еден тим. Некаде околу три години ќе бидат потребни овој тим да се покаже во вистинско светло. Важни се сите фактори за овие девојки, како публика, силни натпревари и слично во текот на целата година. Немаме искуство, но јас по природа сум трпелив и упорен човек. Кога ќе наумам нешто, таа цел има еден пат. Но, има и други патчиња. Потребно е да го одбереме вистинскиот пат и сите да бидеме упорни што сме дел од проектот на ЖРК Вардар. Овие девојки чукаат на портите на репрезентациите, мислам дека во иднина од овој тим ќе има сениорки. Напредок може да има само со работа, а Вардар оди по правиот пат. Ги имаме сите услови за успех, наше е останатото“, заврши Симовски.
За ЖРК Вардар ова беше прва година во овој состав, односно по повлекувањето на Сергеј Самсоненко со моќното финансирање на тимот и распуштањето на ѕвездите.