Симовски: Игравме дрско, два меча нѐ делат од сонот!

Македонија ја оствари целта и на домашен терен со три победи на три меча се пласира во баражот за пласман на Светското првенство (СП) кое ќе се игра во 2019 година. По средбата со Турција (23-30), селекторот Симе Симовски беше задоволен од прикажаното и истакна дека националниот тим го делат два меча од сонот и пласман на еден голем настан.

„Се подготвувавме добро за овие три меча Девојките го испочитуваа договореното. Одигравме како што треба, ги исполнивме сите задачи. Во одбрана на моменти бевме дрски, како што личи една ракометна игра. Наметнавме систем на игра на овие три меча, задоволен сум. Ако направиме една хронологија од Тарангона, одиме напред, благодарение на трудот од стручниот штаб, логистиката и играчите. Го чекаме баражот, два меча не делат од сонот. Ќе видиме што ќе биде. Посакуван противник немам, само знаеме дека против нас ќе имаме учесник на Европското првенство и силна репрезентација. Ако работиме професионално, може да ја минеме таа последна пречка и да играме на едно големо натпреварување“, изјави Симовски.

Нашата најдобра женска селекција вторпат по ред ќе игра бараж за пласман на еден Мундијал. Противникот ќе биде познат пред крајот на Европското првенство (ЕП) кое е во тек, а ќе се дознае на ждрепка.