Симовски: Грција ја победивме со еден разлика, ама слатко е!

Селекторот на Македонија, Симе Симовски, говореше по натпреварот против Грција и минималната победа (19-20), инаку трета на третиот натпревар за нашите ракометарки. Предводникот на селекцијата им честита на ракометарките за максималниот учинок, а за баражот за СП 2021 кој следи, нема посакуван противник.

„Честитки за победата на моите девојки, затворивме со триумф, ама од начинот на игра не сум премногу задоволен. Дојдовме во една интересна завршница, поведовме со два гола, потоа противникот имаше шанса за реми, но се одбранивме. Победата е еден разлика, ама, сепак, слатка е. Имаме три победи, ритамот беше напорен, затоа што една година немавме активности. Задоволен сум како девојките го прифатија системот на работа, се надевам дека во иднина ќе бидеме подобри. Самодовербата по овие победи кај сите е поголема, сега го чекаме баражот каде се наоѓа европскиот ракометен крем. Во моментов немаме посакувана репрезентација, бевме во целост фокусирани на овие квалификации, само да ги избегнеме најдобрите и ќе се потрудиме да дојдеме до СП“, изјави Симовски.

Македонија ги заврши квалификациите со победи над Исланд, Литванија и Грција. Ова ќе биде трето учество по ред во баражот за Мундијалите за Македонија. Претходно, нашите девојки за ривали ги добија Шведска и Словенија и доживеаја елиминации.

Можни ривали на Македонија во баражот се репрезентациите на Чешка, Германија, Унгарија, Црна Гора, Полска, Романија, Русија, Србија, Словенија, Шведска. Првите натпревари од баражот ќе се играат на 16/17 април, додека реваншите се на 20/21 април.