• Иван Димовски
Ракометарите на Хрватска по голема драма загубија од Шпанија (32-31) и бостанаа без место во четвртфиналето на Олимписките игри. Иако ѝ го нанесоа единствениот пораз на првопласираната Германија, во групата ја победија само уште Јапонија, па Хрватите се пакуваат и заминуваат од Париз.
По крајот на групната фаза и последниот натпревар, селекторот Дагур Сигурдсон го изрази своето незадоволство.
„Ова е големо разочарување. Разбирам дека и играчите така се чувствуваат. Имавме шанси да се пласираме во четвртфиналето против Шведска и Шпанија, но не ги искористивме. Во првото полувреме промашивме премногу зицери и одбраната беше многу лоша. Освен тоа, покажавме силен карактер, но тоа не беше доволно.
Не можев да барам повеќе од своите играчи. Ова ни беше петти натпревар. Дадоа сè од себе на теренот, но мечот не одеше во наша полза. Тактички и ментално уште можеме да се поправиме и ќе работиме на тоа. Одлуките на судиите кои беа во ситуации 50-50%, никако не одеа на наша страна“, изјави Сигурдсон.
Ова беше прв настап на Хрватска на Олимписките игри по 2016 година кога беа четвртфиналисти, а најголемиот успех го има во 2004 година кога беше „златна“.