• Мартин Танасковски

Кристијанштад имаше натпревар за заборав во Скопје против Вардар (15-31), а по натпреварот, од таборот на шведскиот шампион го признаа поразот и воедно потенцираа дека македонскиот тим е најмоќниот состав во ракометна Европа.
„Му честитам на Вардар кој одигра еден одлижчен натпревар. Мораме да признаеме дека не бевме способни да му парираме на противникот кој играше одлично во одбраната и имаше фантастичен голман. Немавме моќ и брзина да играме против ваков Вардар. Има многу работи на кои имам замерка. Вардар беше премногу силен еден на еден, немавме лек за нивната игра. Знаевме од каде доаѓа опасноста, мислевме дека можеме да парираме, но едноставно - Вардар беше премногу силен. Наше е од анализата да научиме нешто од овој натпревар кое ќе ни служи како лекција за понатаму“, изјави тренерот Ола Линдгрен.
Обраќање пред новинарите имаше и Гунар Јонсон, кој натпреварот го заврши со два постигнати гола.
„Не е срамота да се загуби во Скопје од еден од најдобрите тимови во Европа, кој е исто така добро организиран. Секако дека е неприфатливо да се загуби со 16 гола, но тоа е реалноста. Имавме проблеми во одбраната, исто така нивниот голман Штербик беше фантастичен. Ова беше меч на кој потфрливме и на кој не се покажавме во вистинско светло“, изјави Јонсон.
Кристијанштад во групата А се наоѓа на шестото место со две победи, две ремија и шест порази, а во наредното коло од Лигата на шампионите, кое се игра напролет е домаќин на Нант и Кире Лазаров.