• Мартин Танасковски
Според информациите на германскиот весник „Билд“, шведскиот голман Андреас Паличка би можел да се врати во Бундеслигата порано од очекуваното, иако неговиот трансфер во Фуксе Берлин е планиран дури за следната сезона.
Причината за промената на плановите се финансиските проблеми со кои се соочува норвешкиот шампион Колстад. Клубот наводно е подготвен да го отстапи Паличка на позајмица, со цел да го растовари буџетот и да ја стабилизира финансиската состојба.
Во целата ситуација како сериозен кандидат се појавува Вецлар, клуб кој се наоѓа во незавидна позиција во Бундеслигата и активно бара засилувања во борбата за опстанок. Германскиот тим е заинтересиран да го доведе искусниот чувар на мрежата на позајмица до крајот на сезоната, сметајќи дека неговото искуство и квалитет би можеле да бидат клучни во пресудните натпревари.
Паличка е добро познато име во германскиот ракомет, со оглед на тоа што со години настапуваше во Бундеслигата и остави силен печат како еден од најсигурните голмани во Европа. Неговото евентуално враќање би било значајно засилување за Вецлар, но и интересен вовед во периодот пред официјалниот старт на неговата епизода во Фуксе Берлин.


