• Иван Димовски
Ракометарките на Шведска по голема драма славеа против Црна Гора (25-24) и се радуваа на пласман на третото место во групата од главната фаза на Европското првенство.
Средбата според очекувањата тргна со израмнето темпо, се играше гол за гол и егал до 5-5. Тогаш скандинавската селекција врза три гола и се одлепи на 8-5, а поведе и со 11-7. На тоа одговор имаа Црногорките со 0-4 за израмнување. Шведска веднаш врати со иста мера и три врзани гола за 14-11, ама до полувремето следеше ново израмнување (14-14).
Црна Гора отвори со гол во продолжението, па ривалките врзаа четири за 18-15. Со ова темпо се играше во следните минути, а во предност беа скандинавките. Се зацврсти одбраната на балканската репрезентација и одново се стигна до егал (23-23). До крајот на мечот се играше драматично, гол за гол и одлучувачки можеше да биде секој напад. Швеѓанките имаа повеќе концентрација и стигнаа до минимален триумф кој значеше преземање на третата позиција и конечна битка за петтото место на првенството.
\
Најефикасна на мечот беше Јауковиќ која постигна девет гола, додека кај Шведска се истакнаа Хагман, Лерби и Робертс со по пет реализации.