Шведска пак остана со празни раце, ракометната бронза за Данска

Ракометната селекција на Данска се закити со бронзениот медал од женскиот ракометен турнир на Летните Олимписки Игри во Париз. Во малото финале Данките славеа сигурна победа во скандинавското соочување со Шведска, со резултат 30-25 (15-13).

Во воведното надмудрување и неколкуте минимални водство на Шведска, кон средината на полувремето Данска завладеа на паркетот, влезе во посакуваниот ритам и почна да гради позитива. Во неколку наврати беше три гола предност за бронзената селекција, но на пауза се замина со 15-13.

Данска продолжи во ист ритам и во второто полувреме. Шведска имаше неколку обиди да се врати резултатски во игра, но четвртата селекција од турнирот во Токио ја снајде истата судбина и одново остана без медал. Данска искусно ја сочува предноста и на крај славеше со сигурни 30-25.

Хојлунд со пет гола беше најдобра ракометарка кај победничката екипа, додека за Шведска исто толку гола постигна Хагман.

Големото финале меѓу домаќинот Франција и големиот фаворит Норвешка е закажано за 15:00 часот.