Шведска не ја преживеа драмата, трето олимписко полуфинале во низа за Хансен и Данска

Репрезентациите на Данска и Шведска одиграа фантастично четвртфинале на Олимписките игри, со атомско темпо, многу мини-пресврти и возбудувања, а победата на крајот им припадна на Данците, кои во драматичниот финиш славеа со 32-31 (16-16). 

Во првото полувреме Данска само еднаш успеа да се одлепи на четири гола позитива, но потоа ниту еден тим немаше предност од еден до два гола. Швеѓаните се соземаа во периодот кога ривалот беше во налет, па така успеаја на паузата да извлечат нерешен резултат (16-16). 

Вторите триесет минути донесоа исклучително брз и интересен ракомет, но двете селекции беа на висина на задачата и постојано беа во егал, со исклучок на минималните водства. Одличен на голот кај Шведска беше Андреас Паличка, а на спротивната страна Данците ги красеше тимската игра и имаа вкупно петмина со четири или повеќе погодоци. Ландин и Нилсен немаа свој ден и тоа не дозволи Данците да се одлепат. Солберг го лимитира најдобриот стрелец на олимпискиот турнир, Гидсел, и Питлик беше во главна улога.

Во клучните моменти Гидсел изнуди исклучување, но Микел Хансен не реализираше пенал. Шведска имаше напад за израмнување при резултат 32-31, но не ја искористи шансата и ударот на Бергеруд го одбрани Нилсем. Така Данците успеаја да го обезбедат своето четврто полуфинале на Олимписките игри, трето во низа за оваа селекција. 

Најефикасни кај Данска беа Симон Питлик со девет гола и Микел Хансен со уште шест, додека Феликс Клар постигна седум погодоци во шведскиот табор. Данска во полуфиналето ќе се соочи со подобриот од дуелот помеѓу Норвешка и Словенија