• Горан Упале
Женската ракометна селекција на Данска второ Светско првенство по ред го освојува бронзениот медал, откако во денешното мало финале по голема драма славеше во скандинавското дерби со Шведска, со резултат (27-28).
Во Хернинг домашните ракометарки уште од самиот старт наметнаа силно темпо и во текот на целото прво полувреме го имаа водството на своја страна. Највисоко беше на почетокот и во финишот, кога Шведска беше во позиција да брка четири гола, но во последниот напад постигна гол и на пауза се замина со 15-18 за Данска.
Во вториот дел ракометарките на Јенсен во неколку наврати одново се искачија на +4, но по 45. минута нивната игра се распадна и противникот одлично го искористи тоа. Пет минути подоцна Шведска за првпат поведе (24-23), но во самиот финиш Јоргесен и Хансен презедоа одговорност и на Данска ѝ донесоа бронзен медал (27-28).
Токму Хансен и Јоргесен со по пет гола беа најпрецизни во таборот на Данска, додека за Шведска одлични беа Мелегард и Блом со по седум гола.