Швалб: Пелистерци ќе дадат сè од себе, одбраната им е силна страна

Рајн Некар Левен ќе го дочека Еурофарм Пелистер во дуелот од четвртото коло од групата Д на Европската лига на ЕХФ. 

Германскиот тим важи за голем фаворит против битолчани, пред сè поради високото реноме во Европа. Сепак, предводникот на „лавовите“ од Махнајм, Мартин Швалб беше претпазлив пред дуелот со Еурофарм Пелистер и призна дека одбраната им е силна страна. 

„Еурофарм Пелистер игра интензивна одбрана низ која не може лесно да се пробие. Тие се мотивирани, натпреварот против нас ќе им биде најголем предизвик во Европската лига, па ќе дадат сè од себе за изненадување“, изјави Швалб.

Битолскиот тим сè уште чека на прво славје во ова натпреварување, откако загуби кај ГОГ Гудме и ремизира дома со Кадетен Шафхаузен, а Рајн Некар ја доби единствената одиграна средба досега. Дуелот во „САП Арена“ е закажан за вечерва со почеток од 20:45 часот.