• Саше Љолес
Репрезентацијата на Швајцарија испушти голема шанса за победа и ремизираше со Унгарија (29-29) во натпреварот од втората група во главната фаза на Европското ракометно првенство.
Унгарците не беа на потребното ниво во првото полувреме, имаа неколку неизнудени грешки, а не им одеше ниту во нападот. Швајцарија го искористи моментот, се разлета на сите страни од теренот, доаѓајќи до убава предност од шест гола на паузата (20-14).
Второто полувреме започна со подобра игра на Унгарија, која покажа дека нема намера да се предаде лесно и започна постепено да ја „топи“ разликата. Лежерниот пристап на Швајцарија резултираше со само два гола позитива во 45. минута, што ветуваше голема борба и евентуална драма во финишот.
Успеваа Швајцарците некако да ја одржуваат предноста и ги користеа нереализираните напади на противникот, па така имаа напад за +4 и погодија преку Лени Рубин. Истиот играч потоа заработи исклучување, а со седмерецот на Бенце Имре, Унгарија повторно дојде на само гол негатива.
Сите карти беа отворени во последните минути, Фазекаш погоди за 28-28 и ја врати Унгарија во егал, а потоа стрелаше и во празната мрежа на ривалот, па така Унгарците поведоа со 29-28 и ја принудија противничката клупа да повика тајм-аут. Израмнија Швајцарците, а потоа дојдоа и до напад за победа во последните дваесет секунди. Напаѓаа „седум на пет“ откако Оноди беше исклучен, но направија пробивање, со што оставија седум секунди за противникот.
Следуваше брз тајм-аут, по кој Швајцарија тргна во напад, но ја загуби топката и мораше да се задоволи со реми и поделба на пленот (29-29). За двете селекции ова се први бодови во главната фаза на континенталниот турнир.
Најдобар поединец во победничкиот состав беше Лени Рубин со седум голови, додека во редовите на Унгарија, Миклош Роста постигна пет погодоци.





