Шундовски заминува од Израел, спогодбено го раскина договорот

Поранешниот селектор на македонската ракометна репрезентација, Звонко Шундовски спогодбено се раздели со ракометната федерација на Израел и од денес не е повеќе селектор на сениорската репрезентација на Израел.

Поранешниот тренер на Пелистер, Металург, Констанца и ЦСМ Букурешт неполна година ја водеше оваа репрезентација, но израелската федерација обелодени дека најдобра варијанта за двете страни е разидување. Првиот човек на федерацијата, Дуду Фалах му се заблагодари на битолчанецот на професионалноста и му посака среќа во понатамошниот тек на кариерата. 

Шундовски има понуди од Македонија и Романија и веројатно во една од овие две земји ќе ја продолжи кариерата. Со него на чело македонската репрезентација го оствари најголемиот успех, освојувајќи го петтото место на Европското првенство во Србија во 2012 година.