Шундовски: Убеден сум дека оваа екипа ќе ги покаже своите квалитети во Данска

Еурофарм Пелистер е пред ново гостување во Лигата на шампионите. Македонскиот шампион ќе се судри против Фредериција од Данска, против која ќе атакува на прва овосезонска победа во ракометната елита.

Привременото решение на тренерската позиција кај пелистерци, Звонко Шундовски е убеден дека ракометарите ќе ги покажат своите квалитети и дека се спремни да се изборат за поволен резултат.

„Фредериција е добар тим, доаѓа од Данска, која сите знаеме што значи во европскиот ракомет. Фредериција игра типично дански ракомет, брзо и модерно и со доста шутеви од надвор. Имаат микс на квалитетни дански и странски ракометари. Преферираат да играат брзо, „еден на еден“, но мислам дека може да се изненадат. Со победата против Висла, Фредериција доби самодоверба, но тоа нас не нè интересира. Имаме своја работа и подготвени сме за позитивен резултат. Сите веруваме во тоа и со правилен пристап мислам дека имаме шанси. Говорот на телото“ на моите ракометари е подобар, пофокусирани сме и убеден сум дека оваа екипа ќе ги покаже своите квалитети. Нашите цели остануваат домашните трофеи и бодови во Лигата на шампионите“, рече Шундовски.

Пелистер во овој дуел влегува со само еден освоен бод, додека Фредериција има една победа, против Висла Плоцк во претходното коло.