Шундовски: Работевме напорно за оваа победа, верувам дека тука нема да застанеме!

Македонскиот ракометен шампион Еурофарм Пелистер по пауза од две децении ја запиша првата победа во ракометната Лига на шампионите, а премиерна во овој формат. На гостувањето во Одензе, „зелено-белите“ со одлично второ полувреме го совладаа домашниот состав на Фредериција и се искачи на шестата позиција на табелата во групата А.

По средбата своите импресии ги искажа привременото решение на функцијата тренер – Звонко Шундовски.

„Сакам да му честитам на мојот тим за победата. Одигравме одлично, славевме над квалитетна екипа.  

Ова не беше натпревар без грешки, особено ги имавме во првото полувреме, но во тој период трипати се вративме од негатива од три гола. Во вториот дел одигравме како тим, и затоа уште еднаш сакам да им честитам на момците. Верувам дека овде нема да застанеме. Работевме напорно за да стигнеме до овој резултат“, рече Шундовски. 

Честитки за победата испрати и искусниот Никола Митревски кој натпреварот го заврши со 15 интервенции.

„Честитки до соиграчите за победата. Во првото полувреме не бевме на посакуваното ниво, но, сепак покажавме борба и бевме добри во транзиција. Додека во второто полувреме заигравме многу подобро и така остана до самиот крај“, рече капитенот на Македонија.

За три седмици, по ЕХФ неделата, двете екипи одново ќе ги вкрстат копјата, овој пат во Битола.