Што ризикува организаторот за хаосот во ракометното дерби?

Сезонава се почесто се апострофира дека нашата ракометна Суперлига е квалитетна како одамна што не била, дека секој натпревар е драматичен. дека не се знае кој ќе победи и слично. Сепак, вистината е дека не само што изедначеноста и драматиката не значи и квалитет, туку и ако погледнеме околу себе, тешко е да тврдиме дека нашето првенство е поквалитетно од српското, хрватското, словенечкото...Дополнителен проблем е што таму ракометниот натпревар е шеесет минути борба и витештво, а кај нас пречесто е многу, многу лоша пропаганда, инциденти и тепачки, скандал до скандал.

Што ризикува организаторот на вечерашното дерби, РК Вардар 1961 за пропустите во организацијата? Колкава е одговорноста на гостинскиот клуб? Какви одлуки ќе донесе дисциплинската комисија? Ова се прашањата кои уште од вечерва си ги поставуваат фановите, а одговорите ќе ги добиеме наскоро, бидејќи в среда и в четврток следува вонредно коло на плеј-офот и плеј-аутот. 

На организаторот му се случија 4-5 пропусти заради кои вистинско чудо е како натпреварот нормално се доигра. Но, сметката брзо ќе дојде од националната федерација и одговорните. Битолските навивачите пристигнаа во голем број, преку 500-600 луѓе, но од првиот момент кога влегоа в сала, видливо беше дека поседуваат пиротехника и предмети, па несфатливо е како ја внесоа покрај толку многу полиција, редарски служби и обезбедување. Првиот пропуст е несфатливиот арсенал на предмети кај двете навивачки групи. Заштитата за гледалиштето од другите трибини мора да биде целосна, инаку невозможно е да размислуваме за спорт, ако ова се случува во сала со четири трибини и огромна дистанца меѓу навивачките сектори. Влегувањето на навивачи на теренот е непростлив пропуст, заради кој веројатно и натпреварот мораше трајно да биде прекинат или завршен. Втор пропуст на обезбедувањето и полицијата, кој можеше да заврши фатално, бидејќи ракометарите уплашени бегаа во соблекувалните, а навивачите се каменуваа меѓусебе со што ќе стигнат. Ваква антипропаганда на нашиот национален спорт, спротивно од примерот за навивање на „Фалангата“ кога репрезентацијата игра на големи натпреварувања, ќе ни донесе многу негативни поени во сите меѓународни истанци. Онаа паричка во главата на Лесјак беше лош предзнак и мораше да се сфати уште посериозно и санкции да се преземат веднаш.

Веројатно Вардар 1961 ризикува суспензија на теренот и парична казна, но цената која мак-ракометот ќе ја плати во Европа може да чини многу повеќе. Во период кога нашите клубови тонат, а загарантирано место во групниот сегмент на Лигата на шампионите имаме само уште една година, ова е перфектна асистенција ЕХФ да размисли и за таа една сигурна година. Да не зборувам за казната на Вардар која уште „виси над глава“ и онаа на Металург која значеше згаснување на клубот. 

Што ризикува гостинот за испадите на навивачите од Битола? Не е директна одговорноста на Еурофарм Пелистер, бидејќи не се јавува во улога на организатор на натпреварот, но организирано е целосното патување на „Чкембарите“, а не индивидуално, Кога овие два клуба добија казни за натпреварот од Купот во Кавадарци минатата година, кога не беа организатори, претпоставете како ќе биде сега кога еден од клубовите се јавува во улога на организатор на натпреварот.