Штербик: Нема шанси повторно да ме видите меѓу стативите, освен за проштален меч

Штербик

Поранешниот миленик на навивачите на Вардар, Арпад Штербик, доби нова улога во редовите на Веспрем. По пензијата, искусниот голман ќе работи со своите поранешни колеги и ќе биде нивниот тренер во наредниот период.

Тоа е улога која е нова за 41-годишникот и ни малку лесна. Запрашан за потенцијален кам-бек на терените, Шпанецот имаше категоричен одговор.

„Заминав во пензија и не се каам за тоа. Кога Коралес потпиша со Веспрем знаев дека за мене тоа е крај. И не сум разочаран поради тоа, среќен сум со тоа што го постигнав. Сега имам нова улога, која не е ни малку лесна. Морам да работам со тројца голмани, кои имаат различни карактери и навики. Треба да внимавам како се однесувам со секој од нив. Сега гледам дека не е лесно да се пренесе искуството и знаењето.

Никогаш повеќе не планирам да играм. Освен ако не се работи за проштален меч, нема одново да ме видите меѓу стативите“, изјави Штербик.

Еден од најдобрите голмани на сите времиња замина во пензија со големи успеси зад себе. Играше во најголемите европски клубови, успеа да освои светска титула и трофеј во Лигата на шампионите, а за македонските фанови ќе остане запаметен по својата заслуга во подвигот на Вардар при освојувањето на првата европска титула.