• Мартин Танасковски

Европскиот шампион Вардар продолжи да гази немилосрдно во Лигата на шампионите и среде Шведска го совлада шампионот Кристијанштад со 23-26 (10-15).
„Црвено-црните“ излегоа посилни од се и доминантно одиграа со шведскиот тим кој знае да биде незгоден противник. Водени од Арпад Штербик, кој забележа 17 интервенции и одбрани 53% од ударите, ракометарите на Гонзалез освоија посакувани бодови и го задржаа првото место во групата кое води директно во четвртфиналето.
Вардар го отвори натпреварот не според планот, затоа што имаше негатива од три гола (5-2), но премногу брзо се врати, по тајм-аут на Гонзалез, па преку Дибиров и Борозан поведе со 5-6, за потоа да дојде и до предност од 6-9. Воден од Штербик, кој нанижа 11 одбрани, до полувремето се дојде и до предност од 10-15, предност која вешто се држеше во второто полувреме и никогаш не се намали.
На стартот на вториот дел, Вардар дојде и до 10-18, поради грешки во нападите и загубени топки на домаќинот, а најблиску до македонскиот шампион Кристијанштад успеа да дојде на минус четири (21-25), на две и пол минути до крајот. Додека се чуваше разликата, одлични беа Борозан и Кристопанс, кои ја полнеа мрежата на Швеѓаните, потпомогнати од Дибиров.
Токму триото на Вардар, Кристопанс, Дибиров и Борозан, даде по седум гола во мрежата на Кристијанштад. Перфектен беше Тимур Дибиров, со 7/7 гола на мечот. Кај Кристијанштад, најдобри беа Хенингсон и Гудмунсон со по четири гола.
Вардар по шест кола е лидер во групата „А“ со пет победи и едно реми, а во наредното коло македонскиот тим гостува кај ППД Загреб во Хрватска. Кристијанштад, пак, е последен и во наредното коло е домаќин на Висла Плоцк.