Шпет ги откажа Шпанците, Германија се чекира во олимпиското четвртфинале

Репрезентацијата на Германија ја совлада Шпанија во одличен и драматичен меч од групата А на Олимписките игри со 33-31 и обезбеди елиминациона фаза. „Панцерите“ извојуваа многу важен триумф, а Шпанците ќе решаваат за својата судбина во последниот дуел со Хрватска. Нашите Ѓорѓи Начевски и Славе Николов одлично  ја делеа правдата на овој дуел во Париз.

На Волф не му тргна од стартот, па Гисласон го стави Давид Шпет меѓу стативите и одличниот голман го одбележа првиот дел. Благодарение на неговите одбрани и головите на Ушчинс, Дамке и Кнор, Германија поведе со +3. Гонзало Перез де Варгас доби удар со топка во глава од Гола, но брзо се созеде и го инспирираше враќањето на Шпанците. Браќата Душебаеви и брзите крила донесеоа 14-14 на пет минути од одморот. 

Сепак, Јури Кнор постигна два гола на крајот од првиот дел, Шпет одбрани зицер и на полувреме се замина со 20-18 за германската репрезентација. 

Шпанија заигра за нијанса подобро на стартот од вториот дел и успеа полека да ја „стопи“ негативата, по што следуваше период на игра „гол за гол“. Германија за момент го испушти водството, „фуријата“ успеа да поведе и со два гола разлика, но во периодот околу 48. минута бундес-тимот во игра го одржуваше Ренарс Ушчинс, кој биеше од сите страни. 

Се чинеше дека Шпанците се во одличен налет, но по тајм-аутот на Германија резултатот повторно го врати водството (31-30) и во овој период беше тешко да се предвиди дали некој од тимовите ќе успее да го освои целиот плен. Разигран беше поранешниот вардарецж Алекс Душебаев, голманот Гонзало Перес де Варгас впиша две одлични интервенции, а селекторот Жорди Рибера се обиде да ги смири малку своите играчи со минута одмор. 

Завршниот период донесе исклучително динамична игра, но резултатот подолго време не беше променет откако Германија ја врати позитивата. „Фуријата“ повторно израмни, но следуваше нов налет на Германците кои успеаја да ја затресат мрежата уште двапати и на крајот го заокружија мечот со конечни 33-31. Голманот Давид Шпет имаше серија на одбрани, некои во одлучувачката фаза, со што го заслужи епитетот играч на натпреварот.

Најефикасен кај Германците беше Ушчинс со осум голови, додека во редовите на Шпанија најдобар поединец беше Гомез, кој запиша десет погодоци. Во оваа група вечерва играат Словенија и Јапонија, а последното коло в недела ќе донесе голема драма и ќе го даде одговорот кои репрезентации ќе патуваат во четвртфиналето.