Шпенде промаши за реми, Вардар „на мускули“ го доби дербито со Металург

Македонскиот ракометен првак Вардар запиша нова победа во СЕХА-лигата и во СЦ „Борис Трајковски“ со 26-27 (13-11) славеше над градскиот ривал Металург.

„Црвено-црните“ на овој меч настапија без неколку важни првотимци кои добија поштеда, а младите „металурзи“ покажаа голема борба и дадоа голем отпор, но на крајот останаа со празни раце. Вардар се мачеше скоро цел меч, а до посакувани бодови дојде во самиот финиш. Металург имаше шанса за реми, но Шпенде со звукот на сирената не успеа да реализира.

Вардар почна да диктира темпо на игра, а главна алка на теренот беше Кристијан Дисингер. Германскиот бек беше расположен за игра, па даде четири од петте стартни гола на македонскиот првак, за предност од 3-5.

Предноста од два гола се држеше и до 7-9, а потоа следеа две грешки на Скубе и Војводиќ, кои Серафимов и Јагуриновски на спротивната страна ги казнија, за изедначување на 9-9. Потоа беше и 10-10, за Никола Даниловски да фати две топки и со ефикасен напад, Металург за првпат да поведе на мечот со два гола (12-10).

Позитивата се задржа и до полувремето (13-11), а на стартот на вториот дел следеше шоу на Никола Даниловски, кој фати уште два напади во низа на Вардар, по што голови за тимот од Автокоманда дадоа Токиќ и Пучник, за највисоки 15-12. Вардар можеше да губи и поубедливо, да не беа интервенциите на Марко Кизиќ, кој по 40 минути игра имаше десет зад своето име.

Во продолжението од мечот, одбраната на Металург почна да прави прекршоци, кои беа санкционирани со пенали. Вардар со два погодока на Чупиќ од седум метри се врати во мечот (16-15), а иако домашните потоа пак имаа пристојна позитива (21-18), најтрофејниот колектив наоѓаше начин да се враќа во мечот поради поголемото искуство (21-20).

Во 51. минута од мечот со гол од пенал на Чупиќ, Вардар изедначи по долго време (21-21), а потоа дојде и до посакуваното водство, преку Даинис Кристопанс. Младиот Кизиќ во наредниот напад на Металург повторно интервенираше, а потоа Кристопанс пак даде гол, за предност од два гола за Вардар (23-25). Металург не се предаде, на три минути до крајот изедначи на 25-25, а во финишот, се влезе со еден гол негатива за Металург, но Шпенде не реализира напад за реми.

Најдобри кај Вардар беа Кристопанс, Дисингер и Чупиќ со по пет гола, додека Скубе заврши со четири погодока, а голманот Марко Кизиќ ја оправда довербата и запиша 14 интервенции. Кај Металург, Шпенде беше стрелец на шест гола, а Миличевиќ и Токиќ дадоа по четири.

Вардар во СЕХА-лигата е лидер и по десет кола има осум победи и два пораза. Металург, пак, го запиша третиот неуспех во низа и е на деветтото место. Во наредното СЕХА-коло, Вардар гостува кај Железничар, додека Металург ќе игра на домашен терен против Мешков Брест.