Шпекулација или мега-трансфер? Веспрем нуди два милиони евра за ѕвездата на Барса

Легендарниот Германец и спортски директор на Фуксе Берлин, Штефан Кречмар, предизвика „потрес“ во ракометна европа со изјавата дека унгарскиот гигант Веспрем е подготвен да ѝ плати на Барселона два милиони евра за трансфер на голманот Емил Нилсен. 

Оваа информација дојде како шок за многумина, но од управата на Веспрем бргу се огласија и низ иронична и шеговита призма ги отфрлија сите наводи на Кречмар, велејќи дека „Германецот очигледно заборавил кога е први април“.

„Добар ден, Стефан. Први април допрва доаѓа, изгледа дека сте ги помешале датумите. Не очекувавме вакви изјави од еден угледен менаџер на сериозна спортска институција како вашата. Се надеваме дека вашиот коментар не е официјален став на Фуксе Берлин и дека ќе се коригирате во следните денови“, стои во краткото соопштение од Веспрем. 

Медиумите не ја отфрлија веднаш изјавата на Кречмар и со резерва ја прифатија објавата на Веспрем. Познато е дека Барселона е во големи финансиски проблеми, па затоа сметаат дека не би било преголемо изненадување ако овој трансфер се реализира. Сумата е секако огромна, но Веспрем е гигант кој нема проблеми со финансиите. 

Доколку Барселона ја прифати евентуалната понуда од Веспрем, трансферот би го изедначил досегашниот рекорд кога е во прашање отштетата за играчот. Пред скоро девет години, Пари Сен Жермен исто така плати два милиони евра за еден од најдобрите ракометари во историјата, Никола Карабатиќ.