Шпански стратег ќе ја враќа ракометна Србија на европската мапа

По лошите резултати на последното Европско првенство, Ненад Перуничиќ го заврши својот престој на клупата на Србија, а по неколкумесечно барање, конечно пронајдена е неговата замена.

Познато беше дека Ракометниот сојуз на Србија ќе преговара само со странски стручњаци, во игра беа голем број на истакнати тренери, меѓу кои и поранешниот вардарец Давид Дејвис, но на крај одлуката падна на Тони Херона.

Како што објавуваат тамошните медиуми, Шпанецот ја прифатил понудата на РСС и наскоро се очекува да стави потпис на договор со поранешниот вицешампион на Европа.

Херона својата тренерска кариера ја започна во редовите на Барселона, како дел од академијата на клубот, а потоа преку Ел Џаиш седна на селекторската клупа на Тунис. Моментално е тренер на Шартр, со кого сезоната во францускиот шампионат ја заврши на десеттото место. 

Шпанецот ќе испише историја во ракометна Србија, затоа што ќе стане првиот странец селектор. Претходно, предводник на „орлите“ беше Швеѓанецот Љубомир Врањеш, но тој има српски корени.