• Саше Љолес
Репрезентацијата на Хрватска го завршува својот настап на Олимписките игри уште во групната фаза, откако загуби од Шпанија со во последното коло од А конкуренцијата во Париз. „Каубоите“ одиграа добро второ полувреме и беа близу до целосен „кам-бек“, но Шпанија не дозволи да ја загрози предноста и обезбеди пласман во четвртфиналето, додека Хрватите ги пакуваат куферите и се враќаат дома. Финалниот резултат гласи 32-31 и е соодветен реванш на „фуријата“ на Рибера за поразот на Европското првенство во Германија во јануари годинава.
Првото полувреме мина скоро целосно во знакот на Шпанците, кои започнаа малку побавно, но до крајот на првите триесет минути полека ја зголемуваа предноста. Хрватска делуваше малку дезорганизирано во дефанзивата, а прилично стерилен беше и нападот, што резултираше со пет гола негатива на паузата (20-15).
„Каубоите“ се созедоа на стартот од вториот дел, заиграа многу подобро и се вратија на само еден гол негатива во 44. минута од мечот (23-22). Шпанија во овој период малку го загуби силниот ритам, а потоа следуваше период на игра гол за гол, во кој „фуријата“ успеваше да ја одржи предноста од еден до два гола.
Во последните десетина минути екипите влегоа со полн налет. Голманот Перез де Варгас запиша тринаесет интервенции, а Шпанија повторно поведе со +3 во 51. минута (28-25). На спротивната страна Доминик Кузмановиќ имаше една интервенција повеќе од својот шпански колега, а Хрватска повторно успеа да намали на 28-27 и најави возбудлива завршница.
Тарафета повторно ја врати предноста од три гола, Гонзало запиша уште една бравурозна одбрана, па Шпанците тргнаа кон заверка на победата. Сепак, Хрватите се одбранија и постигнаа два брзи гола, но при резултат 31-30 топката беше кај „фуријата“. По тајм-аутот, Шпанија не реализираше, а Хрватите добија пенал на петнаесет секунди до крајот. Мартиновиќ израмни на 31-31, но Гомез изведе брз центар и на маестрален начин го совлада Кузмановиќ, за конечна победа со 32-31.
Најефикасен во победничкиот табор беше Родригез со шест гола, Гомез додаде уште пет, додека кај Хрватите одлично издание имаа Кларица (седум гола), додека Срна и Мартиновиќ постигнаа по шест погодоци.