Антологиско враќање на Шпанците, по 80 минути изборија мундијалско полуфинале!

Во голема резултатска драма од дури осумдесет минути репрезентацијата на Шпанија се избори за пласман во полуфиналето на Светското првенство во Полска и Шведска. Шпанските ѕвезду закажаа полуфинале против Данска, в петок во Стокхолм. Попладнево во Гдањск се играа дури четири продолженија и, иако беа во загубена позиција во регуларниот тек, Шпанците славеа со 35-34 (25-25, 12-13). Браќата Душебаеви и голманот Гонзало беа херои во еден од најантологиските натпревари во мундијалската историја. 

Норвежаните почнаа моќно и брзо се одлепија на 7-2. Рибера повика тајм-аут и Шпанците се созедоа, Откако промашија два седмерци, шпанските ракометари ја зацврстија одбраната и за момент беше 8-8. Алекс Душебаев беше инспиратор, а лесни голови погодуваа крилата. Бергеруд беше расположен и подобриот скор на голманите донесе минимални 13-12 за скандинавските ракометари.

Со цврсти одбрани и чести израмнувања започна вториот дел. Половина од полувремето мина во знакот на одличните голмани. По пет израмнувања во вториот дел, Фигуерас од седмерец донесе само второ водство на „фуријата“ (19-20). Сепак, во краток период Норвежаните возвратија и Бјорнсен и Сагосен од седмерец ја вратија предноста на скандинавските ракометари.

При 24-22 за Норвешка, Жорди Рибера повика минута одмор и европскиот вицешампион реагираше. Даниел Душебаев и Фигуерас погодија по убави акции за 24-24 на шест минути до крајот. Важен момент во завршницата беа двата одбранети седмерци на вториот норвешки голман Северас, посебно вториот при 25-24, кога Норвежаните имаа и човек помалку. Сагосен и другарите не реализираа напад за +2 и Шпанија доби последен напад за реми. Бергеруд му одбрани зицер на Алекс Душебаев и Норвешка имаше напад на 19 секунди крајот, Но, неактивниот напад им ја одзеде топката на норвешките ракометари и Дани Душебаев со звукот на сирената погоди за 25-25 и продолженија. 

Екстра времето започна израмнето, првите пет минути беа постигнати по два гола и заморот како да ги стигна двете селекции. Бергеруд и Гонзало стапија на сцена во второто продолжение и претешко беше да им се даде погодок. Алекс Душебаев погоди за шпанско водство од 29-28 на сто секунди до крајот. Гонзало Перез де Варгас му одбрани „жива топка“ на Сагосен и „фуријата“ доби меч-топка, Сепак, Шпанците ја загубија топката, а Бјорнсен погоди на седум секунди за 29-29 и нови продолженија. Гол за гол се играше и во текот на дополнителните десет минути. Ниту една селекција немаше +2, а со 34-34 се влезе во последните шеесет секунди. Даниел Душебаев погоди под закана за пасивен напад за 34-35, а Гонзало чудесно му одбрани зицер на Бјорнсен и Шпанија избори полуфинале.

Најефикасни во норвешкиот табор беа Бјорсен со девет и Бартолд со осум погодоци, а кај Шпанците по седум гола постигнаа Алекс Душебаев и Анхел Фернандез. Голманот Гонзало имаше шеснаесет одбрани, голем дел одлучувачки. Противник на Шпанија во полуфиналето в петок ќе биде селекцијата на Данска.