Шпанија по пресврт ги „расплака“ Швеѓаните и ја грабна бронзата среде Стокхолм

Ракометната селекција на Шпанија го освои третото место на Светското првенство во Шведска и Полска. „Фуријата“, која што немаше сили против Данска во полуфиналето, во малото финале се сретна со кодомаќинот Шведска и среде Стокхолм се избори за голема победа, благодарение на брилијантното второ полувреме (36-39).

Домаќинот, кој пак без својата прва ѕвезда Џим Готфридсон, беше немоќен против разиграната Франција, вечерва важеше за фаворит во пресметката со Шпанците, но не го сочува водството од првиот дел и така остана без медал на овој шампионат. Швеѓаните фантастично го отворија натпреварот, Екберг и Ване беа непогрешливи и на својата селекција ѝ донесоа предност на полувреме од четири гола (22-18).

Сепак, во вториот дел неочекувано шведската игра се распадна, а Шпанија искусно го искористи тоа. Во вистински момент се разиграа Алекс Душебаев и Вигуера, па за краток период шведското водство беше „стопено“ и гостинот, откако поведе, не го испушти водството до крај (36-39).

Вигуера со девет гола, од кои шест во вториот дел, беше најпрецизан кај Шпанците. Алекд Душебаев запиша седум, додека за домаќинот девет гола реализира Ване.