Шпанија ги декласира „гаучосите“, сензационално четвртфинале за Бахреин

По поразот од Франција во петокот, шпанската ракометна репрезентација им се врати на победите и се наоѓа пред верификација на второто место групата А на олимпискиот турнир. Европските прваци ја надиграа Аргентина во петтото коло со 36-27 (17-12).

Соочувањето на двајцата шпански тренери, Риберa и Каденас, му припадна на помладиот, бидејќи „фуријата“ од самиот почеток ја потврди класата и лесно стигна до победа. Со пет порази „гаучосите“ го завршуваат турнирот на последното место и на дванаесеттото место во финалната класификација.

Крилата беа најефикасни кај шпанската селекција, во чиј табор сите се запишаа меѓу стрелците. Абело Гомез постигна шест, а Феран Соле пет погодоци. Пизаро со пет гола беше најефикасен во аргентинскиот табор, каде легендарниот Диего Симонет го одигра последниот натпревар во дресот со државниот грб.

Дебитантот Португалија испушти четвртфинале, откако загуби од домаќинот Јапонија со 30-31 (14-16). Токуда со шест и Мотоки со пет гола беа најефикасни во победничкиот табор, а кај поразената Португалија со по четири гола се истакнаа Ферас, Родригез и Соуса.

Киксот на Португалија го искористи Бахреин, кој и покрај поразот од Египет со 30-20, се „чекира“ во четвртфиналето заради подобар гол-количник во меѓусебниот скор со Јапонија и Португалија. Ал-Ахмар со пет и Ел-Дера и Месихи со по четири гола ги поведоа „фараоните“ до четврта победа во групната фаза.

Четвртфинале на олимпискиот турнир ќе играат: Франција, Шпанија, Норвешка, Германија, Данска, Шведска, Египет и Бахраин.